Протести во Атина против мерките на владата

22.02.2017 12:11

Мирниот протест, кој што беше во организација на Синдикатот на грчката Комунистичка партија, се одвиваше низ главните улици на Атина, а заврши на плоштадот пред Парламентот.

Околу 5.000 лица беа присутни на синоќешниот протест во грчкиот главен град против последната рунда на мерки одобрена од грчката влада и меѓународние кредитори. Мирниот протест, кој што беше во организација на Синдикатот на грчката Комунистичка партија, се одвиваше низ главните улици на Атина, а заврши на плоштадот пред Парламентот.

Целта на оваа влада е сите мерки да бидат одобрени, една по една, на начин на кој што нема да биде крената многу врева и тоа е она што ние се обидуваме да го прекинеме и да им го расипеме и ова ќе го правиме со сета своја сила за да му ја откриеме вистинската природа на овие мерки на грчкиот народ“, изјави портпаролот на Синдикатот.

Гласно протестираме против сите овие мерки на владата и на Европската Унија. Тие само што го прифатија новиот пакет на мерки и ние, работничката класа и народот, сите заедно, ќе го избереме нашиот правец за да ги задоволиме нашите потреби, за наш сопствен напредок“, вели член на Синдикатот.

Протестите се организираа во пресрет на се поизвесната нова спогодба меѓу Грција и кредиторите. За таа цел, претставници на двете страни периодов во Атина, треба да ги финишираат преговорите за реформи во даночниот и пензиски систем, како и во однос на трудовата легислатива.

По евентуално успешно завршување на преговорите, условите за спогодбата ќе созреат, а на Грција ќе и станат достапни средства со помош на кои што ќе може да ја врати претстојната јулска рата од долгот, што изнесува 7 милијарди евра. Како последица на кризата и повеќегодишните мерки за штедење, од 2009- та па наваму, збришана е една четвртина од грчката економија, а моменталната невработеност е околу 23 проценти.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ