СДСМ- ДУИ: Нема да се носат решенија кои нема да бидат во согласност со Уставот
Надминати се одредени разлики со ДУИ. Нема да се носат решенија за употреба на јазиците кои нема да бидат во согласност со Уставот, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев по синоќешната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Мала Речица. Ахмети по тричасовниот состанок изјави дека се приближени ставовите со СДСМ. Употребата на албанскиот, според Ахмети е загарантирана со Уставот и деновиве треба да се донесе конечното решение. Попладнево е закажано централното претседателство на интегративците...

По средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ во Мала Речица, отворените прашања меѓу двете страни се во рацете на уставните експерти. Заев вели дека во прашање се денови до крајната одлука. Според него, важно е да се најдат уставни решенија за предлозите за употребата на албанскиот јазик. Доколку успеат во тоа, вели Заев, ќе може да се обезбеди парламентарно мнозинство.
„Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот, па и сето друго што е уставно да падне во вода. Кој има корист од таква работа? Затоа и двете страни во преговорите се држат до Уставот, посебно до амандманот 5 од Уставот, сегашен член 7, кој дава либерална и европска можност да бидат земени предвид сите аспекти и на малцинските заедници во Македонија“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Ахмети вели- на средбата не се разговарало за потписи, туку за разликите кои ги имаат со СДСМ околу употребата на албанскиот јазик.
„Од експертите од двете партии се очекува да најдат заедничко решение. Можам да кажам дека немаме големи разлики со СДСМ околу предлогот за употребата на албанскиот јазик“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
На средбата, освен за употребата на албанскиот јазик, се разговарало и за рамномерна распределба на капиталните инвестиции буџетските средства, за интеграцијата во ЕУ и НАТО, поддршката за СЈО.
Игор Панов
