Рочиштето за настаните во Општина Центар одложено, Јанева и Фетаи добија казни
Ново рочиште за настаните во Општина Центар. Специјалните обвинителки Јанева и Фетаи, казнети со по 2.000 евра за непочитување на судот при рочиштето на кое се обвинети 14 лица од кои 5 поттикнувачи. Меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски и некогашната советничка во Центар, Даниела Рангелова. Однапред подготвено сценарио за притисок врз судот- изјави бранителот на Груевски. Обвинителките подготвуваат пријави против судијката...

По две илјади евра, судијката Татијана Михајлова ги казни обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи по неколкуте опомени за, како што рече, елементарно непочитување на судот. Сѐ почна откако обвинителките ја обинија судијката за фалсификување на записникот од минатото рочиште.
„Во записникот е наведена сосема обратна ситуација дека јас сум се произнела во присуство на јавноста, одбрната на обвинетиот и дека јавноста била исклучена во делот единствено кога се слушале аудио снимките, што не е воопшто точно“, изјави Фатиме Фетаи, обвинител на СЈО.
Специјалната обвинителка, Катица Јанева вели дека предметот не треба да оди во Советот на јавни обвинители како што предложи судијката Михајлова.
„Не знаеме зошто предметот ќе го враќа во Советот на јавните обвинители, тоа е многу смешно, бидејќи треба прво да го прати во Судскиот совет, за таму да се произнесат за нејзината работа, па потоа со нашата работа“, рече специјалната обвинителка Катица Јанева.
И по казните, специјалните обвинителки, без да добијат збор, продолжија со навреди кон судијката дека нема елементарно познавање на правото и не заслужува да биде судија.
„Денеска дојдов во суд, но сѐ што видов личеше многу повеќе на театар“, изјави Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Адвокатот на Груевски вели дека ова било однапред подготвено сценарио за да се изврши притисок врз судот за начинот на водење на постапката. Според Никола Додевски, приговорите на обвинителките немале правен основ што резултирало со казни. Приговорите се однесуваа за забелешки во записникот.
„На наши или на нивни забелешки, судијата одлучува дали се основани и го корегира или не го корегира записникот. Тоа е многу проста, едноставна правна процедура. Не е забелешката за записникот било да потекнува од нас или од обвинителството, навреди кон судот, интелектуален фалсификат- тоа е притисок пар екселанс за водењето на постапката“, вели адвокатот Никола Додевски.
За случајот „Општина Центар“ се обвинети 14-мина, дел од нив за поттикнување, дел како дирекни извршители. Наредното рочиште е закажано за 10-ти март.
Наташа Гркова- Петрушевска
