Ќе се отвори Центар за вработување на лицата со хендикеп

22.02.2017 14:44

Сѐ поголем е бројот на лицата со хендикеп кои се вклучуваат во отвореното стопанство. Ослободување од придонеси, посебни грантови за адаптација на работно место, се дел од мерките кои се преземаат. Стопанската комора на Македонија во соработка со „Полио плус“ ќе воспостави Центар за вработување на лица со хендикеп. Целта на овој Центар е да ја унапреди и зајакне вработливоста на лицата со хендикеп и ќе ги зголеми нивните капацитети за напредување во професионалната кариера.

Лицата со посебни потреби сѐ уште се соочуваат со голем број предизвици велат од невладината „Полио плус“. Вработување, извршување на работните обврски, како и дискриминацијата при напуштање на работниот процес се некои од проблемите со кои живеат. Со Центарот за вработување ќе се надополнат постојните програми и ќе се зголеми вклученоста на овие лица во работниот процес- оценуваат во движењето.

Компаниите се вклучуваат во овој процес и е нагласена општествената одговорност, за да се сузбие можната дискриминација, велат во Стопанската комора на Македонија.

Ослободување од придонеси, посебни грантови за приспособување на работното место, се дел од мерките кои се преземаат, а со кои е овозможен соодветен напредок во последнава декада.

Министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, најави дека со новиот закон ќе се настојува во рамките на сите претпријатија да постои одредена квота за врботување, според примерот на земјите од Европската унија.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска