Караџовски: Судија е судија, без разлика дали работи на кривични или прекршочни предмети

22.02.2017 15:44

Судскиот совет не може да интервенира во врска со последните случувања во Кривичниот суд, вели првиот човек на Судскиот совет, Караџовски. За распределувањата на судиите од овој суд во прекршочен, Караџовски смета дека е надлежен претседателот на судот. Според него изборот на претседатели за Кривичниот и за Врховниот суд ќе ја почека завршницата на жалбената постапка на кандидатката и поранешна претседателка на Врховен, Лидија Неделкова.

Судскиот совет е немоќен да интервенира во врска со последните случувања во Кривичниот суд. Првиот човек на ова тело, Зоран Караџовски, вели дека рапределувањето на неколкумина судии во Прекршочен е во надлежност на претседателот на судот и дека Советот не може да интервенира.

Сепак, според него судија е судија, без разлика дали работи на кривични или прекршочни предмети. Затоа, како што рече, нема коментар за чувството на обесправеност на колегите судии, иако дел од нив се со став дека со новиот распоред, претседателката на судот им се одмаздува токму поради нивното постапување во предметите на СЈО.

Караџовски вели дека нема политика во постапката за избор на претседателите на Кривичен и на Врховниот суд. Изборот ќе почека до завршување на жалбената постапка на кандидатката и поранешна претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

Превирањата во Кривичниот суд траат подолго време. Ривалството помеѓу поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски и судијата Иван Џолев во трката за првата фотеља во судот се одвива преку меѓусебни поднесувања на пријави за дисциплинска одговорност и кривични пријави.

Претходно, дел од судските службеници се пожалија на претседателот Панчевски, а пораншниот раководител на Одделението за човечки ресурси му поднесе тужба за мобинг. Рапределувањата на судиите од овој во Прекршочниот суд е уште едно во низата случувања што го тресат најголемиот суд.

 

Фиљана Кока