„Мој термин“: Граѓаните кои не можат да дојдат на закажаниот преглед- да го откажат
Над 1.600.000 пациенти закажале здравствена услуга на „Мој термин“ лани. 420 илјади не се појавиле на преглед. Ресорното министерство ја објави статистиката за 2016-та. Апелираат - оние кои не можат да се јават на закажано, да ги известат лекарите.

Граѓаните немаат навика да ги откажуваат прегледите кај лекар, специјалист, претходно закажаните преку системот „Мој термин“. Лани речиси 428 илјади пациенти не дошле на преглед- покажуваат податоците од електронската евиденција. Најчесто нереализирани термини се од специјалностите интерна медицина, офталмологија, отропедија.
„Пресметано во часови тоа се 107.000 изгубени работни часови, бидејќи истото тоа време можело да се искористи за преглед или снимање на некој пациент кому здравствената услуга му била понеопходна. Апелирам до сите пациенти кои не се во можност да дојдат на закажан термин да го откажат истиот затоа што таа услуга е реално потребна од таа специјалност и тој доктор“, изјави Милан Аризанковски - директор на Управата за електронско здравство „Мој термин“.
Според Аризанковски, постојано се зголемува бројот на термини за преглед или снимање во здравствените установи. Лани Клиниката за онкологија и радиотерапија термините ги зголемила за 100 отсто.
„Ова е одличен податок имајќи предвид дека станува збор за клиника на која се третираат пациенти со малигни заболувања, што значи дека е овозможено овие пациенти побрзо да дојдат на преглед. Друга установа каде што е евидентирано значително зголемување на термините е и универзитетската Клиника за пулмологија и алергологија“, вели Аризанковски.
Според податоците на системот „Мој термин“ пациентите најмногу биле упатувани за испитувања поради висок притисок, дијабетес и маснотии во крвта. Најстариот пациент кој сѐ уште е корисник на здравствени услуги е 106 годишна пациентка од Скопје.
Андријана Атанасовска
