Главниот советник на Трамп започна кампања за спречување на активностите на Сорос
Советникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон започна кампања за спречување на активностите на Џорџ Сорос во Америка, Македонија и Унгарија. Државниот секретар Рекс Тилерсон ги острани вработените во Стејт Департментот во коишто нема доверба.

Главниот советник на американскиот претседател Стив Бенон е највлијателниот соработник во Белата куќа. Дали Бенон е вториот најмоќен човек во светот- пишува магазинот „Тајм“ објавувајќи на насловната страна текст за Бенон како лојален соработник во којшто Трамп има доверба. Ветеранот, автор на документарци и радиоводител, Стив Бенон од почетокот учествуваше во изборната кампања на Трамп и е автор на слоганот „Заборавените луѓе во Америка нема повеќе да бидат заборавени“, што Трамп честопати ја повторува на митинзи.
Како советник, Бенон помагал при подготвување на привремената забрана за влез на државјани од 7 држави. Неговиот сајт „Брајтбарт“ што прв ја поддржа кандидатурата на Трамп, неодамна започна кампања против делувањето на Џорџ Сорос во Америка, но и во Унгарија и во Македонија.
Според „Брајтбарт“ невладини организации финансирани од Сорос планираат протести во 60 американски градови во март и април, како оние во Македонија. За ова биле дадени огромни финансиски средства од Џорџ Сорос преку мрежата на 50 невладини организации што се партиски филијали на демократите.
„Вашингтон Тајмс“ објави дека американскиот амбасадор во Албанија, Доналд Лу назначен од Обама, преку политичката партија на власт создадена од Џорџ Сорос, се меша во внатрешните работи на европската држава и неодамна откажал визи за членови на албанската опозиција и судии.
1.000 американски дипломати потпишаа меморандум за несогласување со привремената забрана за влез на државјани од 7 држави предложена од претседателот Доналд Трамп. Новиот државен секретар Рекс Тилерсон побара од вработените во Стејт Департментот да работат како еден тим за интересите на Америка, но очигледно повеќето од нив остануваат верни на претходната администрација.
„Знам дека ова беа тесни избори и дека сите не чувствуваме исто за исходот. Секој од нас има право да ги изразува своите политички верувања, но не смееме да дозволиме личните убедувања да влијаат на нашата работа како еден тим. Нека има разбирање меѓу нас за времињата во кои живееме и да се фокусираме на целите на Департментот“, изјави американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон.
Тилерсон презеде промени во персоналот во Стејт Департментот. Неговите помошници неодамна поднесоа известување до советниците и во канцеларијата на заменикот државен секретар за управување со ресурси, што резултираше со отпуштање 20-сетина дипломати од кариера. Нивните мандати требаа да завршат летово.
„Викиликс“ објави дека Сорос соработувал со Стејт Департментот во времето на Хилари Клинтон за мешање во внатрешните работи на странски држави. Сорос беше најголемиот донатор за претседателската кампања на Клинтон.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
