Железничкиот сообраќај сѐ уште во прекин
Вработените бараат исплата на јануарската плата и гаранција дека наредните плати ќе ги добиваат редовно. Велат дека протестот ќе трае сѐ додека платите не легнат на нивните сметки.

Патничките и товарните возови и денеска не сообраќаат поради протестот на вработените кои бараат исплата на јануарската плата и гаранција дека наредните плати ќе ги добиваат редовно. Велат дека протестот ќе трае сѐ додека платите не легнат на нивните сметки.
Од Министерството за транспорт и врски инфомираа дека на последната владина седница е донесена одлука за зголемување од околу 70 милиони денари на годишно ниво за директна помош на железницата.
„Во насока на надминување на целокупната состојба, Владата во рамките на важечките закони ќе ги исплати овие пари, за да се разреши состојбата со блокадата. Според законските прописи, дополнителните средства ќе може да се исплатат, ако вработените приложат соодветна документација за трошоците за завршената работа, за да може исплатените средства да се оправдаат во буџетот“, стои во соопштението, и се апелира до менаџерскиот тим и до синдикалните организации да изнајдат решение во најбрз можен рок за да се овозможи нормално фукционирање на претпријатието.
Од ресорот уште посочуваат дека во насока на разрешување на целата состојба, ќе продолжат со исплатата на средствата на име трансфери и субвенции спрема железница, но само во рамките на законските прописи и под услови коишто вработените мора да ги извршуваат работните обрвски, а во случај на продолжување на протестот, ќе се доведат во прашање исплатата на платите за сите вработени во железницата и целокупното работење на претпријатието.
