ДУИ утре ќе решава дали ќе влезе во владата

23.02.2017 12:14

ДУИ ја прифати верзијата на Законот за употреба на албанскиот јазик. Се очекува утре да ја донесе одлуката дали ќе влезе во владата. Од ВМРО-ДПМНЕ со став- нема да дозволиме редефинирање на Македонија.

Претседателството на Демократската унија за интеграција на синоќешната седница ја прифати верзијата за употребата на албанскиот јазик, и како што изјавија претставници на партијата, приближени се ставовите со СДСМ. Портпаролот на интегративците, Бујар Османи рече дека има уште прашања што треба да се дискутираат, но оти е значајно дека е заокружена една значајна фаза.

Претседателството на ДУИ ги исцрпи сите аргументи во однос на законот за јазикот, и на крајот едногласно даде согласност за текстот. Го завршивме овој дел од дебатата и утре ќе ги почнеме преостанатите делови за можната хармонизација на заедничка платформа за заедничко владеење, изјави Османи по седницата. Конечната одлука дали ќе му ги даде 10-те пратенички потписи на СДСМ е во рацете на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Нема големи разлики во ставовите околу предлогот за употребата на албанскиот јазик, а постои и согласност договорот да не отстапува од рамките на Уставот, изјави во вторникот лидерот на СДСМ, Заев по средбата со Ахмети во Мала Речица. Додаде дека двете партии имаат идентични ставови во однос на ЕУ и НАТО и во делот на поддршката на СЈО.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ има намера да ја редефинира државата само за да дојде на власт и оти за оваа цел планира да го крши и Уставот. Тоа нема да го дозволиме, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението се наведува дека партијата нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници што живеат во Македонија.

„Го потсетуваме СДСМ и секој друг којшто сака да се коцка со државните и националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и коишто се подготвени да се борат за нив. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата победија на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните, кои ја препознаа намерата на СДСМ за редефинирање на Македонија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Наша историска и идеолошка определба, но и мандатот даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во која било форма и во која било ситуација, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Милчо Велески