На мигрантите да им се гарантира хуман третман

23.02.2017 12:46

Илјадници бегалци и мигранти минале низ Македонија на патот кон Западна Европа, голем дел од нив се деца. Надлежните велат дека не се знае што ќе се случува во наредниот период, но посочуваат дека пропустите треба да се надминат, за да им се гарантира хуман третман.

Илјадници мигранти минале низ Македонија за да стасаат во Европската унија. Во моментов кај нас се 130- тина сместени во транзитно- прифатните центри и во Центарот за азил во Визбегово. Надлежните тврдат дека ги имаат неопходните услови за престој.

„Наша интенција е да им овозможиме вклучување во образовниот систем, им се нудат соодветни курсеви за странски јазици, се разбира храна, едноставно на тие лица сакаме да им овозможиме што подобри услови“, вели министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими.

Од УНИЦЕФ предупредија- за децата, голготата за подобар живот беше трнлив пат, многу морничави ноќи, со опасност на сите страни. Над 3 илјади загинале. Велат дека се дава хуманитарна помош во храна и облека.

„Одлична работа беше завршена како одговор на мигрантската криза која се случуваше во последните две години, беа воведени нови интервенции, а многу лекции од ова што се случуваше на терен беа научени. Драго ми е што денеска тука може да се осврнеме на сите добри и не толку добри работи кои се случија, за да можеме да им помогнеме на децата кои се сеуште тука, но и за децата кои можеби во иднина ќе дојдат“, изјави Елспет Ериксон од УНИЦЕФ.

„Системот кој што стои на располагање, кој е изграден емпириски со децении наназад, тој систем се покажа дека има потреба од големи прилагодувања“, смета Блаже Којчевски,  УНХЦР.

На работилницата во Скопје се расправаше за мигрантската криза, со нагласок на пропустите што не треба да се повторат.

 

Наташа Гркова- Петрушевска