Мексико ги осуди новите правила на САД за депортација на мигранти

23.02.2017 13:17

Мексико и САД дебатираат за најновите мерки од Вашингтон за депортација на мигрантите. Според најновиот документ, преку границата со Мексико ќе се праќаат сите илегални мигранти независно од местото од кое дошле. Министерот Видегарај предупреди- не прифаќаме еднострани одлуки од Вашингтон.

Мексико ги осуди новите правила од САД според кои сите илегални мигранти ќе бидат подложни на депортација. Една од мерките предлага и испраќање на недокументираните луѓе во Мексико независно од каде доаѓаат. Министерот за надворешни работи Луис Видегарај смета дека неговата земја не може да прифати еднострани одлуки.

„Владата на Мекиско нема да се мисли два пати дали да им се обрати на меѓународните заедници, почнувајќи од Обединетите нации за да се заштити во согласност со меѓународното право, човековите права, слободи и процеси кои се за доброто на Мексиканците во странство“, изјави Видегарај.

Државниот секретар Рекс Тилерсон и шефот на државната безбедност Џон Кели се во Мексико на разговори со претседателот Енрике Пења Нието за едно од најсериозните несогласувања на двете соседни земји во последните години.

Политиката на новиот кабинет во Белата куќа опфаќа драстични реформи за доселениците, кои во најголем дел, не им се допаѓаат на американските граѓани. Една од нив е и идејата за ѕид на границата со Мексико.

„Предлогот за ѕид е бесмислен. Потребна е темелна реформа во политиката за имиграција и ревидирање на законите.“

„Има семејства што живеат на двете страни од  границата, па се создава непријателство и меѓу блиските, а и кон владата.“

Контроверзната идеја на Трамп за некого е разумна и повеќе од потребна.

„Мора да се затвори границата зашто не знаеме кој се влегува. Едно момче ја туркаше баба му во количка. Реката беше исушена и поминаа без дозвола преку мојот имот.“

„Секоја земја треба да се брани себеси од инвазија која може да ја смени културата.“

Во меѓувреме, Вашингтон го одложи објавувањето на новата уредба за имигрантите со која требаше да се замени претходната директива за забрана за влез во САД на граѓани од седум муслимански држави.

Маја Филдишев