Администрацијата на Трамп треба да одлучи- дали да го прошири или запре антиракетниот штит во Европа
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп оваа година ќе треба да донесе одлука дали да го прошири или да го запре антиракетниот штит на НАТО во Европа. Европските земји членки на НАТО бараат американскиот антиракетен штит да остане во Европа.

Европскиот антиракетен штит на НАТО беше изграден како заштита од Иран, но ситуацијата се смени со руската интервенција во Украина. Додека сојузниците од Источна Европа бараат поголемо присуство на американските проектили во Европа како заштита од Русија и Иран, новата администрација на Доналд Трамп сака да воспостави подобри односи со Москва. Американските експерти се поделени. Едни сугерираат да се прошири изградбата на антиракетниот штит во Полска, додека други сметаат дека таа треба да запре.
„Благодарение на нуклеарниот договор со Иран, заканата исчезна. Сега е време тоа да се признае и да се искористи оваа можност за воспоставување на подобри односи со Русија и истовремено да се заштетат стотици милиони долари на Департментот за одбрана“, изјави Френк Роуз, поранешен заменик секретар за контрола на оружје во Стејт Департментот.
„Верувам дека европската антиракетна одбрана треба да остане. Може ќе треба некои промени, но инсталацијата во Полска треба да се заврши. Антиракетната одбрана денес е американска и на многу други партнери. Заканата постои, има премногу проектили и несигурности за да одбраната целосно се напушти. Антиракетниот штит придонесува за стабилноста во регионот“, изјави Џозеф Циринчиони, експерт на безбедност.
Според шефот на здружениот штаб на американските воени сили генерал Џозеф Данфорд, Русија, Кина, Северна Кореја, Иран и терористичките организации како Исламската држава, Ал-Каеда и Хезболах се најголемите закани по светската и американската безбедност. Опасноста Европа да биде нападната со проектили е присутна и реална, оценува и генералниот секретар на НАТО. Американскиот претседател Трамп ја потврди поддршката за НАТО, но очекува европските сојузници да придонесат за нивната безбедност.
Воениот буџет на американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде наменет за зголемување, модернизација и обука на американските воени сили. Додека очекува од европските сојузници да дадат свој придонес за безбедноста.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
