Попоски: Очекуваме непроменети позиции на Велика Британија за Македонија

24.02.2017 09:44

Британскиот министер вчера се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и со потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска...

Очекуваме непроменети позиции на Велика Британија за Македонија, му порачал шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на Ален Данкан, британскиот министер за Европа и за Америка, на средбата во Скопје. Ова се однесува на односите на Македонија во регионот, на економската размена и на евроатлантските интеграции, со акцент на партнерскиот однос меѓу двете држави, соопштуваат од МНР.

Британскиот министер вчера се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Во разговорите е изразена загриженост поради актуелната политичка состојба во земјава, при што, според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски изјавил дека партијата е под голем притисок на членството, да не се дозволи нарушувањето на принципот победник со победник, според изборните резултати. Груевски, исто така рекол дека ќе се направи сѐ што е во нивна моќ, за да се задржат мирот и стабилноста, и дека преку неуставен закон се бара употреба на албанскиот јазик.

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, на средбата со Данкан порачала дека е изнајден начин за употреба на албанскиот јазик во согласност со Уставот. Македонија треба да биде правна држава, рекла Шекеринска.

Денеска попладне, британскиот министер за Европа и за Америка, Ален Данкан има средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.