Железничкиот сообраќај сѐ уште блокиран
Од иницијативниот одбор на протестот велат дека немаат одговор од надлежните за нивните барања. Вчера генералниот директор на Македонски железници- Транспорт, Никола Костов, поднесе оставка.

Железничкиот сообраќај во земјава е целосно блокиран, поради протестот на дел од вработените во Македонски железници- Транспорт, кои бараат исплата на јануарската плата. Од иницијативниот одбор на протестот велат дека немаат одговор од надлежните за нивните барања. Вчера генералниот директор на Македонски железници- Транспорт, Никола Костов, поднесе оставка.
Од МЖ- Транспорт во вторникот најавија дека до крајот на месецов треба да се исплати првиот дел од јануарската плата, а од 10-ти март и вториот дел, што е неприфатливо за вработените кои бараат целосна исплата на платата.
Владата на завчерашната седница донесе одлука да бидат префрлени дополнителни 70 милиони денари преку Министерството за транспорт и врски за потребите на Железницата.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев вчера апелираше Железницата да продолжи со работа, истакнувајќи дека така ќе може да ги исполни законските можности за да бидат префрлени дополнителните средства и за да ги реализира договорените обврски што ги има со своите коминтенти.
