Расте тензијата во Босна и Херцеговина
07.02.2014 13:42
Со наслов „Почна новата Усанска буна“, излегоа изутрината печатените медиуми во Босна и Херцеговина...

Со наслов „Почна новата Усанска буна“, излегоа изутрината печатените медиуми во Босна и Херцеговина. Мирно, но крајно напнато е во Тузла по вчерашната „Тузланска пролет“ кога ескалираше трпението на народот и дојде до масовни протести и судири со полицијата. На улиците се забележува зголемено полициско присуство, повеќето основни и средни училишта не работат, одложени се испитите на факултетите, а луѓето излегуваат од дома само ако е неопходно. Солзавец, молотови коктели, водни топови, така изгледаше Тузла, но и уште неколку градови во БиХ во изминатата ноќ.
Над сто повредени и триесетина приведени е билансот од судирите. Состојбата ескалираше кога разгневената толпа почна да ограбува и да уништува се пред себе.
Премиерот Нермин Никшиќ свика итен состанок со повеќе министри и истакна дека власта ја знае разликата меѓу обесправените граѓани и хулиганите кои сакаат да предизвикаат хаос. Голем број невладини организации за денеска во 12 часот најавија уште помасовни протести во Тузла, но и во Мостар, Зеница, Травник и Бања Лука.
„Сакаме да ја покажеме нашата солидарност со граѓаните на Тузла. Тие имаат легитимни барања, а полицијата на тоа возврати со употреба на сила. Протестите во Тузла и во другите градови не потсетија на една многу важна работа, дека власта заедно со полициските кордони не е тука поради себе, туку поради нас, кои овде живееме и работиме“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.
Аналитичарите велат дека вакви демонстрации требало да се случат порано поради високиот степен на корупција во локалните и во државните власти. По скоро две декади од Дејтон, Босна и Херцеговина и натаму е протекторат, со присуство на европски и НАТО мировници и институции контролирани од странски државјани.
Марија Петковска
