Станбените згради и парцели во 3Д катастарски приказ
Државниот катастар ќе воведува трета димензија во приказ на недвижностите со што ќе се овозможи ефикасно моделирање на зградите, теренот и површината. Проектот се финансира со средства од Европската унија и техничка подршка од Холандскиот катастар. Проектирано е да биде изготвен за три години.

Станбените згради и парцели ќе добијат тродимензионален приказ во катастарскиот систем. Се воведува и висина при премерот на објектите. Новата визуелизација ќе овозможи реална слика, до каде се права врз недвижноста на сопствениците не само по површина туку и по висина и длабочина под земјата. Со новите атрибутни податоци ќе се олесни процесот на идентификација во густо населените области каде 2Д регистрацијата е во ограничена мера- посочуваат од државниот катастар.
„Целиот процес треба да овозможи и воведување нови просторно дефинирани единици, како 3Д парцела, волумен на кат и стан, како и нови атрибутни податоци за нив, да се олесни процесот на идентификација на дел од зграда и да се подобри визуелизацијата на регистрираните недвижности. За активностите ќе биде потребна промена на законската рамка, со што ќе се овозможи воведување 3Д парцела и волумен наместо метар квадратен“, вели Славе Трпевски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Проектот треба да биде завршен за три години. Ќе се финансира со пари од Европската унија, искуствата за воспоставување трета димензија во приказ на недвижностите ќе се црпат од Холандскиот катастар.
„Во однос на 3Д имате многу податоци но само како дводимензионални парцели или како 2Д модел и атрибути. Предизвикот е реалниот свет да се направи видлив и да се визуелизира системот. На вистински пат е Катастарот сето ова да го заврши за три години“, вели Клас ван дер Хок, Катастар на Холандија.
Функционалниот 3Д катастар се наметнува од високоразвиените пазари што ги менуваат правилата на живеење преку воведувањето нов пристап во начинот на регистрација на недвижностите и првата врз нив.
Сузана Фиданска- Стоевска
