ДУИ пред одлука: Сите опции се отворени

24.02.2017 16:40

Сите опции се отворени- ќе се разгледува можноста и за останување во опозиција, ова го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред почетокот на состанокот на централното претседателство на партијата. Интегративците велат дека при носењето на конечната одлука ќе се земат предвид волјата на гласачите, како и очекувањата на меѓународните пријатели.

Најтесното партиско раководство на ДУИ во Мала Речица пред одлука, дали ќе ги дадат 10-те пратенички потписи на СДСМ и ќе бидат дел од владата или пак, да бидат опозиција. Од партијата на Ахмети велат дека во донесувањето на одлуката ќе се земат предвид волјата на гласачите на ДУИ, албанците, но и очекувањата на граѓаните и меѓународните пријатели. Се додава дека земјата се наоѓа пред многу предизвици и дека ДУИ ќе игра конструктивна улога. Законот за употреба на јазиците во моментот е најважен, изјави партискиот портпарол Бујар Османи. Најави дека конечната одлука ќе биде позната в понеделник.

„Откако се утврди текстот на тој закон, остнауваат два начина, или два инструмента за реализација- еден е преку учество и реализирање во владината коалиција, другиот е преку поддршка на малцинска влада, останувајќи во опозиција и давајќи поддршка на една таква влада, меѓутоа со услов усвојување на законот за јазицо“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Дека сите опции се отворени најави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред почетокот на централното претседателство. Рече дека е мала можноста партијата да донесе одлука за тоа, дали ќе коалицира со СДСМ.

„Денеска ќе разговараме околу опциите, за опозиција да остане ДУИ“, изјави Ахмети.

Потписите за мандатот веќе се обезбедени и Македонија во првата половина на март ќе добие нова влада предводена од СДСМ,беше категоричен во изјавата во Сараево лидерот на партијата Заев. Потенцира дека идната владина програма, платформата на СДСМ, платформата на албанските политички партии и законот за употребата на јазиците се усогласени.

 

Милчо Велески