Антикорупциска: Нема казни и награди за наставниците додека не завршат изборите

07.02.2014 13:49

Просечната оценка на учениците од екстерното тестирање е 3,39. Најдобри резлутати...

Просечната оценка на учениците од екстерното тестирање е 3,39. Најдобри резлутати  постигнаа училиштата: “Раде Јовчевски – Корчагин” од Скопје, “Јосип Броз Тито” од Битола, Средното уметничко училиште “Лазар Личеноски” и СУ “Орце Николов” од Скопје и  “Гоце Делчев” од Куманово. Сите ученици кои нема да бидат задоволни од резултатите ќе можат наредната недела, од понеделник до среда, да поднесат приговори до училишната комисија. Од вкупниот број ученици, 315 воопшто не полагале, а 2596 од положените тестови се оценети со единица. Со екстерното тестирање беа опфатени вкупно 21 854 ученици од завршните години во 96 средни училишта по 1524 предмети и 2 814 наставници. За учениците, кои не полагале еден од предметите или оправдано отсуствувале од екстерното тестирање, Министерството ќе организира дополнителна сесија.
 
„Како министер за образование и наука, исклучително сум задоволен од текот на спроведувањето на екстерното тестирање на учениците од завршните години во средните училишта. Нашиот следен предизвик е екстерното тестирање на крајот од учебната година за сите други ученици“, рече министерот за образование Спиро Ристовски.

Од Министерството информираат дека врз основа на мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата, во периодот од донесувањето одлука за избори, па се до завршувањето на изборот за претседател, директорите на училиштата нема да донесуваат решенија за зголемување или намалување на платите на наставниците. 

„Според тоа, очигледно е дека зголемувањето на платите, почнувајќи со јануарската, ќе се смета како награда, а намалувањето како казна за наставниците во периодот на изборниот процес“, изјави министерот Спиро Ристовски.
 
Министерството за образование и наука во следниот период ќе изнаоѓа решенија со кои целиот овој процес ќе се реализира по завршувањето на изборите. 
 
 
Викторија Тодоровска