Надминување на кризата за повисоки стапки на раст во градежништвото
Македонските градежници бараат да се стави крај на политичката криза. Очекуваат раст на овој сектор од 5,2 процента, но велат дека за тоа се потребни стабилност и предвидливо окружување. Клучна за нив е реализацијата на капиталните инвестиции...

450 фирми членки на Градежната комора при Сојузот на стопански комори бараат од политичките чинители што побрзо надминување на политичката криза, за да може градежниот сектор да продолжи да бележи стапки на раст како и досега. Годинава градежниот сектор очекува раст од 5,2 насто, пред се како резултат на планираните инфраструктурни проекти.
„Не се знае уште колку како градежништво ќе можеме да издржиме, затоа што не знаеме до кога ќе трае сета оваа политичка нестабилност. Можеме единствено да апелираме час поскоро да се реши политичката криза за да може градежниот сектор и понатаму да си ја работи својата работа и да остварува успеси како и до сега и да биде двигател на економскиот раст во Република Македонија“, изјави Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК.
Статистиката бележи дека градежниот сектор лани вкупно добил 3.377 одобренија за градење. Во последните два месеца, нивниот број бил зголемен за 20, односно 13% во однос на месец октомври. Расте и вредноста на извршените градежни работи. Во октомври таа изнесувала 50 милиони евра, во ноември 54, додека во декември градежниците реализирале активности вредни 66,7 милиони евра.
Поради зголемените ангажмани на домашниот пазар и силната конкуренција на странските пазари, опаѓа вредноста на договорените и на извршените градежни работи на нашите градежници во странство. Вредноста на договорите е намалена за речиси 27 насто, а на реализираните активности за 19,4 насто. Затоа фокусот се става на изградба на енергетски ефикасни станови и деловни објекти,поддржани со посебна програма на Швајцарската амбасада.
„Во делот на саемот на недвижности годинава верувам дека ќе имаме најголема понуда на станови кои компаниите ќе ги изложат пред посетителите“, изјави Валентина Димитрова, Саем за градежништво и недвижнини.
Градежниците, поддржани од одредени банки кои веќе ги приспособија каматните стапки, очекуваат да склучат договори за продажба на рекорден број станови, со што ќе обезбедат свежи пари за почнување на градба на нови објекти.
Свето Николовски
