Збрка на Оскарите
Филмската академија ги додели Оскарите, највиското призние во филмската индустрија во светот. На 89 церемонија одржана во Холивуд чијшто домаќин беше комичарот Џими Кимел за најдобар филм беше прогласен „Месечина“, додека оскар за најдобри главни улоги добија Ема Стоун и Кејси Афлек. Политичката сатира беше неизбежен дел од сценариото на левоориентираниот Холивуд.

Наградата за најдобар филм на годинашното доделување на Оскарите заврши во рацете на режисерот Бери Џенкинс за филмот „Месечина“, неколку минути откако по грешка беше прогласен филмот „Ла Ла Ленд“ за победник во оваа категорија. Фијаското на престижната церемонија се случи кога актерите Феј Данавеј и Ворен Бити прочитаа погрешна номинација. Екипата на мјузиклот кој освои 6 од вкупно 14 номинации за Оскар беше принудена да слезе од сцената откако беше исправена грешката. Компанијата „Прајсвотерхаус“ која веќе 80 години е задолжена за пребројување на гласовите и подготвувањето на пликоата со номинациите, се извини за инцидентот.
„Го отворив пликото и пишуваше „Ема Стоун, Ла Ла Ленд“. Затоа се загледав во Феј и во вас. Не се правев интересен. „Месечина“ е победникот“, изјави Ворен Бити, актер.
„Ни во соништата не очекував дека ќе се случи ова. Но нема веќе соништа, ова е реалноста. Вистина е, не е лага“, изјави Бери Џенкинс, режисер на „Месечина“.
И покрај поразот во категоријата за најдобар филм, екипата на Ла Ла Ленд триумфираше во номинациите за најдобра женска улога која и припадна на Ема Стоун, најдобра режија, оригинална музика, оригинална песна, фотографија и сценографија. Демиен Шазел е најмладиот добитник во историјата на Оскарите.
„Благодарност до сите кои ми помогнаа да го направам филмот, до екипата, до тимот, до сите во „Лајонсгејт“, до Рајан и Ема кои вдахнаа живот во филмот, и до Џон Леџенд кој играше со нив, се гордеам со сите вас“, изјави Шазел.
За најдобар актер беше прогласен Кејси Афлек за улогата во „Манчестер на море“. Оскар за најдобар краткометражен документарец доби филмот„Бели шлемови“, но Сириецот Калид Катибу, кој е еден од соработниците не доби дозвола да влезе во САД поради уредбата на претседателот Трамп за седумте муслимански земји. Поради истата причина отсуствуваше и иранскиот режисер Азгар Фархади чијшто филм „Продавачот“ доби Оскар за најдобар странски филм.
Маја Филдишев
