Нова електронска услуга на Катастарот

27.02.2017 14:57

Достапни се информации за секоја градежна парцела, за нејзината содржина, дали е истата слободна или е веќе реализирана.

Со новата електронска услуга за графички катастар граѓаните ќе имаат увид во урбанистичките планови на државава и во регистарот на градежно земјиште. Достапни се информации за секоја градежна парцела, за нејзината содржина, дали е истата слободна или е веќе реализирана.

Станува збор за услуга со која сите граѓани и бизнис заедницата можат преку електронски пат да проверат што е предвидено во нивната или други парцели, што е предвидено во ДУП-овите за градење. Со оваа алатка може да ги видат и цените на градежното земјиште, изјави премиерот Емил Димитриев, кој денеска ја посети Агенцијата за катастар.

Новата услуга на Катастарот ќе има далекусежни позитивни последици во работењето  на градежните компании и кај луѓето, бидејќи дава огромна транспарентност, прилично голем број информации и е од голема помош, рече Димитриев и додаде дека креирањето нови услуги за граѓаните треба да продолжи и во иднина.

На геопорталот на Агенцијата за катастар на недвижности од денеска секој граѓанин може да види што има во неговата грдежна парцела и што е предвидено да се гради во неговата парцела и во соседството, а бизнис компаниите  може да видат кое е слободно земјиште преклопено со податоците од Катастрот за целата територија на Република Македонија, изјави директорот на Катастар, Славе Трпески.

Нагласи дека во мементов на Регистарот за градежно земјиште, поточно на веб-порталот веќе се објавени преку 1.000 урбанистички планови.