Странските инвеститори имаат потреба од стручен кадар, субвенциите даваат ефекти

27.02.2017 16:29

Советот на странски инвеститори смета дека субвенциите за странските компании кои инвестираат даваат ефекти што се гледаат преку нивото на реализирани странски инвестиции во земјава. Странските компании имаат потреба од кадар со средно стручно образование од повеќе области и ќе иницираат дијалог со сите релевантни институции за негово обезбедување.

Моделот на привлекување на странски директни инвестиии по пат на субвенции е неопходен, пред сѐ поради енормната конкуренција од земјите во регионот, смета Штефан Петер претседател на Советот на странските инвеститори во земјава.  Може да се разговара за нивото на поддршката, но ефектите се очигледни, според бројот на креирани нови работни места, како и бројот на домашни фирми кои соработуваат со странските компании, смета Петер.

„Ако не постоеа тие субвенции јас сум сигурен дека нема да го достигнеме ова ниво на странски инвестиции во земјата. Со оглед на тоа дека успеавте да привлечете странски инвеститори и да обезбедите вработување на 50.000 луѓе мислам дека одлуките од минатото не биле толку лоши“, истакна Петер.

Не треба да се занемари ниту бројот на индиректно креирани работни места кај домашните добавувачи кои испорачуваат делови и репроматеријали за странските компании во земјава, вели Петер. Тој најави одржување бизнис- форум каде што ќе бидат присутни странските инвеститори, но и сите заинтересирани домашни фирми, со капацитет да влезат во синџирите за снабдување на странските вложувачи. Сериозен проблем за странските инвеститори претставува недостигот од потребниот кадар со средно стручно образование. Предлозите за реформи на овој образовен сегмент ќе бидат базирани на најдобрите искуства и практики на Германија,Австрија и на Швајцарија, кои, според Петер, и самите се соочувале со слични проблеми во своите економии.

„Јас сметам дека имате добар образовен систем каде што е можно да се организира и каде што веќе има добро стручно образование, меѓутоа тоа треба да биде согласно со барањата на бизнисите“, вели Петер.

Советот на странски инвеститори подготвува преглед на препораките и предлозите дадени во Белата книга кои ќе бидат презентирани пред идната Влада на посебна Конференција, а се во функција на подобрување на бизнис климата во земјава.

 

Свето Николовски