40% повеќе грипосани од лани

07.02.2014 14:28

Вкупниот број заболени од грип во Македонија од почетокот на сезоната 2013/2014 заклучно со 5-тата недела од 2014 година изнесува 7.778...

Вкупниот број заболени од грип во Македонија од почетокот на сезоната 2013/2014 заклучно со 5-тата недела од 2014 година изнесува 7.778 (МБ 37,8/10.000). Во овој период се регистрирани два смртни случаја асоцирани со инфекција од вирусот на грип. Во првата недела од февруари има 2350 новозаболени од грип,односно 12,5% повеќе од претходната недела..

Во споредба со истиот период минатата година (5.664 заболени), постои зголемување на вкупниот број пријавени случаи за 37,3%, а во однос на просекот за 10-годишниот период (6.566) се регистрира зголемување за 18,5%.

Во јануари се пријавени најголем број случаи со симптоми на грип – 6.801 или 87,4% од вкупниот број заболени во целата сезона 2013/2014. Во месец декември се регистрирани 606 случаи или 7,8%. 

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ  пристигнале вкупно 73 хумани материјали од здравствените установи - од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 35 или 44,9% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.

Во текот на 5-тата недела од 2014 до оваа се пристигнати 11 материјали за тестирање на грип, од кои 6 биле позитивни и тоа: 3 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, 2 се нетипизирани инфлуенца А вируси и 1 на вирусот на инфлуенца A/H1N1pdm09

Најголем број заболени во оваа сезона се регистрирани на територијата на  Кавадарци - 1.360 и Скопје - 1.154 заболени, Велес 984, а најголем морбидитет (315,2/10.000) е регистриран во  Кавадарци .

Најголем број заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) со 5.083 случаи (65,4%), а најголем морбидитет (75,2/10.000) е регистриран кај најмладите -  децата до 4-годишна возраст.

Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија го задржува трендот на пораст, со намалување на интензитетот на порастот и оваа недела, како и претходната.

Се очекува овој тренд на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува и во наредните недели, со варијации во интензитетот. Доминантен е вирусот на инфлуенца А/H3N2.

Во циркулација се двата поттипа на вирусот на инфлуенца А и инфлуенца Б.

 

Европски регион

Според  извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, на Светската здравствена организација (WHO – Euroflu), растот на бројот на заболените е побавен. Доминира типот А.  

Бројот на пријавени хоспитализации поради тешки акутни респираторни инфекции (SARI) незначително е намален во последната недела. Најголемиот број  хоспитализирани случаи и припаѓаат на возрасната група од 0-4 години.