ЕП ја усвои Резолуцијата за Македонија
Со 54 гласа „за“ и само 8 „против“, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент ја усвои Предлог- резолуцијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции во 2016 година. Претходно беа усогласени 28 компромисни амандмани, во кои се содржани и термини „Македонија“, и „Македонски“, но и предвидување дека македонската држава ќе добие нова влада, па се бара „транспарентна транзиција“.

Европските пратеници во Комитетот за надворешни работи ја изгласаа резолуицијата за Македонија со убедливо мнозинство од 54 наспроти 8 гласови. Потвредена е осмата препорака на Европската комисија за отворање на преговорите за членство во Унијата, но и недвосмислено се бара целосно исполнување на Пржинскиот договор и на итните реформски приоритети, на Специјалното обвинителство да му се обезбедат време и ресурси за непречено да си ја врши работата. Се бара и реактивирање на пристапниот дијалог на високо ниво.
Европраламентарците претходно ги усогласија сите 28 компромисни амандмани од вкупно поднесените 318, при што се задржаа термините „Македонија“ и „Македонски“.
За резолуцијата која во екот на политичката криза ја подготвуваше словенечкиот европратеник Иво Вајгл, имаше традиционално остри дебати од грчките и бугарските европратеници, но големата поддршка за целиот извештај според известувачот за нашата држава, Вајгл, претставува и порака во што покус рок формирање на Влада и транспарентна транзиција, и дека тоа е во интерес на евроинтегративниот пат на земјата.
„Ние овде очекуваме дека Македонија ќе најде некој нов политички пристап, инклузивен пристап, дека пристапувањето кон евроатланските интеграции ќе биде национален проект во кој ќе пристапат и победниците и тие кои не победија, како и тие кои ќе формираат Влада и тие кои не успеаа“, нагласи Вајгл.
На денешното гласање беше усвоен и контраверзниот амандман на бугарскиот европратеник Ковачев кој во резолуцијата за Албанија го наметна својот став дека „Македонците во Голо Брдо, Преспа и Гора се Бугари“. Сепак, европратениците го одбија амандманот на грчката европратеничка Сакорафа во кој се бараше затворање на билатералниот спор за името, пред отворање на пристапните преговори.
Инаку, на 14-ти март во Стразбур во полн состав на Европскиот парламент ќе се усвојува Резолуцијата за нашата држава, која како е веќе познато нема правно дејство.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
