Побарувaчката на нови станови расте, не се очекува пад на цената

28.02.2017 14:27

Добра понуда, уште подобра побарувачка за новите станови. Градежништвото иако се соочува со предизвици, градежниците кои се претставуваат на 14-от Саем за градежништво велат- продажбата тече солидно. Цените се стабилни и нема индикации за нивно намалување. Новите станови се енергетски ефиксани, а тоа помага во заштедите со цел подобра иднина беше истакнато на Саемот за градежништво.

Политичката криза не влијае на продажбата на станови- велат градежниците. Објаснуваат дека цените се стабилни и оти не се очекува да се намали цената на квадратот.

„Побарувачката е голема, и мене ми е посебно драго во една ситуација како оваа во државата, економијата не застанува, градежништвото е во некој подем затоа што сме стабилни со цени“, вели Елена Пандевска, сопственик на градежна компанија.

„Од приходи од пред 10 години од 268 милиони евра, 2015-та година достигна 700 милиони евра. Тоа е еден невиден економски импулс на севкупната македонска економија“, изјави Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежна компанија.

Банкарите велат дека условите за кредитирање на населението се поволни, поради што се делат повеќе станбени кредити.

„Со оваа понува ќе овозможиме поголем дел од граѓаните да се стекнат со станови“, вели, Викторија Јовановска, банкар.

Од Агенцијата за енергетика велат- новоградбите се енергетски ефикасни, што придонесува кон поголеми заштеди.

„Неизоставен дел се и градежните и инженерските компании во земјава, кои преку воведување на нови технологии и унапредување на квалитетот на градбата, овозможуваат намалена потрошувачка на енергија“, истакна Александар Дуковски, директор на Агенција за енергетика.

Од Градежната комора при ССК очекуваат раст на градежништвото од 5,2 процента.

„Градежништвото во последниве години е двигател на економскиот развој на Република Македонија“, нагласи Роберт Хот, претседател на Градежната комора при ССК.

Градежните компании се претставуваат на 14-от Саем за градежништво.

Лани биле изградени повеќе од 1.500 објекти. Становите биле со просечна корисна површина од 73 метри квадратни.

 

Дијана Ценевска