СЈО отвори нова предистражна постапка „Труст“

28.02.2017 15:41

Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага „Труст“. Осомничени за злоупотреба на постапката за јавен повик се три физички и три правни лица. Конзорциум составен од три фирми, со фалсификувана документација добивал тендери и со тоа се здобил со противправна корист во износ од над милијарда денари. Се проширува и истрагата за случајот „Титаник“ за уште 17 лица.

Со фалсификувани документи за сопственост и спецификација на градежни машини, менаџерите на Трансмет, Силекс и Вато незаконски добиле тендер за ископ на јаглен и јаловина во битолски Суводол, објави Специјалното обвинителство. Истрагата на СЈО, за новиот случај „Труст“, потврдила дека во 2011-та година ЕЛЕМ распишал тендер на кој за најповолна била избрана понудата на конзорциумот од трите фирми. Склучиле договор, а потоа и анекс на тој договор, по што ЕЛЕМ ги исплатил парите за договорената зделка.

„Осомничените за Конзорциумот оствариле противправна имотна корист од поголеми размери, во вкупен износ од 1.060.000.000,00 денари без ДДВ, или како што наведов 17.235.772,40 евра“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Поради нови докази кои произлегуваат од прислушуваните разговори, СЈО ја прошири и истрагата за случајот „Титаник“ за 17 лица од кои петмина делувале како организатори на групата и биле функционери од власта. Овој случај СЈО го отвори минатата година, а е поврзан со нерегуларности во спроведувањето на изборите.

Специјалната обвинителка Катица Јанева се пожали дека обвинителството што го раководи наидува на пречки во соработката со некои институции и најави тужби за оние кои не ги почитуваат законите или прават штета на СЈО.

 

Анита Димитријевска