Железничкиот сообраќај и натаму во прекин, се најавува радикализација на протестот
Работниците не се согласуваат да почнат да работат без да им биде исплатена јануарската плата. Најавуваат дека ќе протестираат сѐ додека парите не легнат на нивните сметки.

Радикализација на протестот ако не се исплати јануарската плата- најавуваат вработените во Железница. И патничкиот и товарниот сообраќај се сѐ уште во прекин. Од Синдикатот како следен чекор го посочуваат штрајкот со глад, велат оти не гледаат друг излез од оваа ситуацијата.
„Решивме да не одиме пред Влада, од нас вработените има предлози да се започне со штрајк со глад или од утре да ни се придружат и нашите семејства за да се чуе нашиот глас. Нашето барање е познато, сега засега никој не ни помага“, велат од Синдикатот.
Од Министерството за транспорт велат дека набрзо ќе се најде решение на проблемот и ќе се исплати јануарската плата. Ресорниот министер, Владо Мисајловски вели дека Владата секоја година издвојува средства за оперативните трошоци на Железница. Годинава буџетот е 10 милиони евра.
„Поради штрајкот кој е незаконски и кој не доведе до незгодна ситуација немаше можност да се исплати платата. Се надевам дека набрзо ќе имаме решение и дека средствата ќе бидат исплатени. Денеска до директорот се договоривме да го потпишеме и анекс договорот, со кој ќе се добијат и дополнителни средства на месечно ниво“, изјави министерот Мисајловски.
Железничкиот сообраќај веќе две недели е во прекин.
Викторија Милевска
