Хаос во Босна и Херцеговина
Состојбата во Тузла излегува од контрола. Дали е на повидок нова „Тузланска пролет“?

Состојбата во Тузла излегува од контрола. Дали е на повидок нова „Тузланска пролет“? По повикот на невладините организации за помасовни протести, неколку илјади демонстранти денеска повторно се собраа на плоштадот и влегоа во зградата на кантоналната Влада во Тузла. Незадоволните граѓани кршат и уништуваат се пред себе. Полицијата целосно се повлече, а пожарните единици се уште не интервенираат. Повредени има, но засега не е објавен нивниот број.
Медиумите јавуваат дека еден дел од демонстрантите се маскирани и постојано насилни. Повеќето основни и средни училишта не работат, одложени се испитите на факултетите, а луѓето излегуваат оддома само доколку е неопходно.
„Ова е глас на слободниот народ на слободна држава. Народе од сите градови од сите кантони, борете се за своите права, време е да и се каже доста на корумпираната Влада“, вели Алдин Ширановиќ лидер на протестите.
Владата на денешната итна седница ги повика граѓаните да го изразат револтот, но на мирен и на демократски начин. Додавајќи дека сите имаат право да протестираат, но само со дијалог можат да дојдат до целта.
Немирите кои почнаа пред два дена кулминираа изминатата ноќ. Над стотина повредени и триесетина приведени е билансот од судирите. Разгневената толпа ограбуваше и уништуваше се пред себе.
„Сакаме да ја покажеме нашата солидарност со граѓаните на Тузла. Тие имаат легитимни барања, а полицијата на тоа возврати со употреба на сила. Протестите во Тузла и другите градови не потсетија на една многу важна работа, дека власта заедно со полициските кордони не е тука заради себе , туку поради нас, кои овде живееме и работиме“, соопштија од Хелсинчки комитет.
Аналитичарите велат дека вакви демонстрации требало да се случат порано поради високиот степнен на кореупција во локалните и државните власти.
Марија Петковска
