Поради компликации од дијабетес годишно умираат 20.000 луѓе
20.000 луѓе во Македонија годишно умираат поради компликации од дијабетес- вели докторот Жан Митрев. Вели дека е важно болеста да се контролира, во спротивно, посочува дека последиците можат да бидат катастрофални. Советува дека е потребно да се внимава на исхраната.

Во земјава дваесет илјади луѓе годишно умираат поради компликации предизвикани од дијабетесот. Според лекарите, важна е редовната контрола на болеста. Во болницата на доктор Жан Митрев 70 проценти од пациентите кои имаат потреба од комплексни и тешки операции се дијабетичари.
„Недобро регулираниот дијабетес е граница кога пациентот треба да прими инсулин, но не е високо неговото ниво на гликемија во крвта, па докторите велат ќе пробаме со терапија за да го избегнеме инсулинот. Тука е најголемата грешка. Не треба да се избегнува инсулинот, туку треба пациентот добро да се дијагностицира“, изјави д-р Жан Митрев, кардиохирург.
Важен е и начинот на живот, потребна е здрава исхрана.
„Тоа е болест што може да се контролира, а болните од дијабетес можат нормално да живеат до длабока старост. Треба да се има посериозен пристап кон превенцијата. Така државата ќе има помалку трошоци кон компликациите кои ги создава оваа болест“, вели д-р Митрев.
Губење на видот, бубрежната функција, имунитетот, склоност кон инфекции, кардиоваскуларни заболувања - ова се последиците предизвикани од дијабетесот, вели доктор Жан Митрев.
Андријана Атанасовска
