Полицијата го расчистува нападот на новинарите

01.03.2017 15:54

Полицијата го истражува нападот врз новинарот и снимателот на електронскиот медиум „А1он“ на вчерашниот протест. 12-мина се повикани на службен разговор, ќе се проверува и видео материјалот од поставените камери за да се идентификуваат сторителите. Новинарските здруженија и организации, Агенцијата за медиуми, како и партиите го осудија нападот. Министерот за внатрешни најави дека ќе се санкционираат сите нарушувања на јавниот ред и мир...

12 повикани на разговор за нападот на новинарската екипа која настрада во синоќешните протести, објави полицијата. Формирана е рабона група која треба да ги идентификува двајцата напаѓачи кои на новинарот и на снимателот им пришле од зад грб и почнале да ги удираат. На разговор се повикани организаторите на протестот, а се прегледуваат и видео снимките од безбедносните камери и фотографиите кои се објавија на социјалните мрежи. Полицајците кои биле распоредени на потегот кадешто се случил инцидентот, се задолжени да достават службени белешки за се што виделе.

Новинарот и снимателот по укажаната медицинска помош во ургентниот центар се пуштени на домашно лекување. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани по состанокот со првиот човек на МВР, побара полицијата да го расчисти случајот, но не само овој, туку и сите претходни инциденти во кои настрадале новинарски екипи при вршење на професијата.

Министерот Нухиу ги повика учесниците на протестот да не го нарушуваат јавниот ред и мир.

Од порталот „А1он“ кадешто се вработени повредените, велат дека ќе поднесат тужба против граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и ќе бараат отштета. Освен ЗНМ, нападот на новинарите го осуди и МАН, другите новинарски организации, како и политичките партии. 

 

Анита Димитријевска