Градинката „8-ми Април“ во Шуто Оризари изгоре до темел
До темел изгоре градинката „8-ми Април“ во Шуто Оризари. Пожарникарите до рано утрово се бореа да ја стават огнената стихија под контрола, но лимениот покрив на објектот дополнително им ја отежна работата. Во оваа градинка се запишани речиси 200 дечиња, но тука е и Центар со уште 50-ина деца од улица. Надлежните уверуваат дека до понеделник ќе се најде алтеративно решение за нивно сместување...

До темел, огената стихија ја проголта градинката „8-ми Април“ во населбата Шуто Оризари. Пеплосан и дневниот центар за деца од улица, сместен во истиот објект. Со ова остануваат незгрижени и без едукација околу 200 дечиња кои одеа во градинката, а без топол оброк и згрижување останаа и 50-ина дечиња кои го посетуваа центарот. Директорката на градинката упати апел до институциите за брзо реагирање, побара помош.
„Ги молам сите инстутции, во државата и надвор од државата, сите организации и фондации, да се анимираат, ова е отворен апел, кои на некој начин сакаат да помогнат, многу брзо да ги згрижиме нашите деца, затоа што сега, голем број деца се незгрижени“, изјави директорката на градинката, Синѓил Шабан.
Од ресорното министерство со охрабрување дека надлежните излегле на терен и веќе се бара алтернативно решение за згрижување на децата.
„До понеделник најдоцна верувам дека ќе се среди ова прашање, во поглед на алтернативното сместување, дали во училиштето каде има слободни простории, или во некои до градинките во близина, како Бутел, Чаир, или на друго место“, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.
Пожарот бил од големи размери и за негово гасење биле ангажирани девет пожарникарски возила. Пожарникарите до раните утрински часови се бореле да ја стават огнената стихија под контрола. Сѐ уште се утврдуваат причините за пожарот, како можна причина се посочува застарена електрична инсталација.
Фиљана Кока
