Болеста Црвена ’рѓа ги напаѓа житата- предупредува Агробизнис комората

01.03.2017 17:11

Болеста Црвена ’рѓа се шири низ Европа и ги напаѓа житата- предупредува Агробизнис комората. Апелираат состојбата да се следи, а земјоделците да преземат превентивни мерки за заштита. Во земјава со европски пари почна да се спроведува проект за навремена детекција на болести кај животните и растенијата.

Болест Црвена ’рѓа што ги напаѓа житните култури и значително ги намалува приносите се шири од Италија кон Балканките земји. Досега ја нема во Македонија, но регистрирана е во Србија. Состојбата да се следи, да се преземат навремени мерки со прскање на посевите, за да се заштитат културите, предупредуваат од Агро- бизнис комората.

Според препораките на ФАО, за да се спречи ширењето на болеста важна е соработката на експертите од меѓународните институции и од државите кои произведуваат пченица. Есенските посеви се во добра состојба, ниските температури предизвикаа штети кај овошките и лозјата. Екипи се на терен, се прават проценките. Лани голем број земјоделци биле изманипулирано од познати фирми со несоодветни сорти на семе за македоското поднебје, од Комората сугерираат да се користат веќе докажаните сорти произведени во земјава и во регионот отпорни на климатските промени.

Системите за контрола на храната и болестите кај растенијата и животните и превентива од болести ке се зајакнуваат со пари од Европската унија. Проектот вреден речиси 752 илјади евра треба да ги пренесе искуства и практики од европските политики за високи стандарди на безбедност и хармонизација на законодавството.

Новиот твининг проект е продолжение на активностите реализирани со италијанските институции со чија поддршка е изготвен патоказ за превенција од болеста свинска чума и од бруцелоза. Воведени биле и биосигурносни мерки на фармите. Подобрен бил и системот за контрола на примарно производство на храна од животинско потекло- велат од Агенцијата за храна.

 

Сузана Фиданска- Стоевска