Иванов: Нема мандат за разнебитување на државата

01.03.2017 18:34

Македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од договорот од Пржино, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава- порача претседателот Иванов во обраќањето до јавноста. Шефот на државава рече дека нема да додели мандат на кој било што преговара за платформи од други земји, со кои како што наведе, се уценува македонскиот народ, се загрозуваат унитарноста, суверенитетот и независноста. Туѓи пост- изборни платформи не се основа за формирање влада- посочи претседателот.

Немаме резервна држава бидејќи Република Македонија е единствената која ја имаме. Никој од нас нема право да си поигрува со она за што гинеле генерации, но и со нејзината иднина, изјави во обраќањето до граѓаните, претседателот Ѓорге Иванов во резиденцијата во Вилата Водно.

„Јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста. Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија. Јас нема да определам мандат за состав на Влада на Република Македонија на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста“, рече Иванов во своето обраќање.

Туѓи пост-изборни платформи не можат и не смеат да бидат основа за формирање на Влада на Република Македонија.

Уставното право на шефот на македонската држава, произлегува од членот 84 каде што се оневозможува доделувањето мандат на секој кој преговара за пост-изборни платформи на други држави, нагласи Иванов. Тој потенцираше дека со преземањето на функцијата Претседател се обврзал да ги штити столбовите на македонската државност, односно да не се негираат суверенитетот и самостојноста што произлегува од првиот член на највисокиот правен акт.

Преговарањето за платформа на туѓа држава значи негирање на суверенитетот и самостојноста на Република Македонија како што е наведено во Член 1 од Уставот на Република Македонија. Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Никој од граѓаните на ниту еден демократски избран претставник не му дал право, преговарајќи за пост-изборна платформа на туѓа држава да го загрозува суверенитетот на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.

Во овие сериозни моменти за Македонија, Иванов уште еднаш го посочи очекувањето од меѓународната заедница да ја осуди платформата. Тоа за жал, не се случило досега, рече Иванов, и покрај примерите со други држави во регионот. Оттаму шефот на државата побара таа да се воздржи од наметнување решенија спротивни на државните интереси.

Иднината на Македонија, сега зависи од нас самите посочи претседателот, појаснувајќи дека преговарањето или прифаќањето платформа од друга држава е казниво дело, поради потчинувањето и зависноста на Република Македонија. Затоа на денешната средба со лидерот на СДСМ, Заев, Иванов побарал да ја отфрли недвосмислено оваа наметната политичка рамка и да не да се лицитира со неа на нетранспарентен начин. На средбата со Заев, претседателот побарал и да не се пробиваат востановените рокови од 10 дена за да не биде оспорена неговата одлука за доделување мандат на партиите кои успеале да создадат мнозинство во Собранието. Тој препорачал да се водат според практиката од 1992 со почитување на уставните рокови.

На консултативната средба, лидерот на СДСМ, Зоран Заев побарал од Иванов веднаш да го додели мандатот за составување на кабинетот. Во претходното обраќање, пак, шефот на државата постави два услова за доделување на мандатот: да не се разнебитува унитарниот карактер на државата и реформи со обединување на разузнавачката заедница во Македонија.

Зоран Богатинов