Целосна примена на законот за побезбедни работни места
Вклучен алармот за подигање на културата и свеста за заштита при работа. Социјалните партнери на заедничка маса дебатираа за изнаоѓање решенија за побезбедни работни места. Според работодавачите, неопходно е во целост да се применува законот.

По еден работник неделно гине на работното место. Сѐ уште недостига свест кај работодавачите за да се надминат несреќите што се случуваат при работа. Од друга страна, и работниците недоволно ги знаат правата за заштита, покажува анализата на Здружението за заштита при работа. Вклучен е алармот за подигање на културата и свеста кај засегнатите страни.
„Работниците не се доволно информирани за основните права и обврски во однос на безбедноста и здравјето при работа, кои произлегуваат од законот, колективниот и општиот договор, исто така постои и ниска свест на работниците за безбедност и здравје при работа“, вели Весна Ристовска, проект-менаџер, Здружение за заштита при работа.
На заедничка маса социјалните партнери дебатираат за изнаоѓање решенија за побезбедни работни места, кои велат се во полза на работодавачите.
„Доколку ние стратешки не пристапиме кон решавање на овој проблем, а тоа е губење на работната сила во Македонија, реално ќе се соочиме со горката вистина, дека и понатаму ќе тонеме во бездната на сиромаштија, и понатаму ќе тонеме во бездната на неедуцираност“, изјави Милан Петковски, претседател на македонското Здружение за заштита при работа.
Во однос на безбедноста при работа треба уште многу да се работи, велат социјалните партнери.
„Да го подигнеме нивото на едукацијата, да ги запознаеме работниците и синдикатите со обврските кои ги имаат во делот на спроведувањето, со барањата за контролирање на работните места, да се ангажираат во делот на спроведувањето на новите техники и технологии на работните места, и да ги побараат и спроведуваат тие права кои им припаѓаат“, изјави Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Неопходно е во целост да се применува законот за безбедност при работа, а не само на хартија, сметаат од организацијата на работодавачите.
„Да го спуштиме законот на самите работни места, онаму каде што се случуваат несреќите, а не тој да биде само формално остварен и сите тие документи да стојат во фиоките, во администрацијата“, изјави Анѓел Димитров, Организација на работодавачи на Македонија.
Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007-ма година, но со измените е зајакната улогата на Синдикатот. Со примената, македонскиот работник ќе биде поздрав и попродуктивен на работното место, констатираа социјалните партнери.
Наташа Гркова- Петрушевска
