Бејли: Иванов да ја преиспита одлуката, соседите да се воздржуваат

02.03.2017 12:44

Бејли со апел и соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на политичка чувствителност во земјата.

Американскиот амбасадор Џес Бејли го повика претседателот Ѓорге Иванов уште еднаш да ја преиспита одлуката за недоделување на мандатот. Бејли со апел и соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на политичка чувствителност во земјата.

„САД беа разочарани кога дознаа дека Иванов одби да им даде можност на претставниците кои имаат јасно мнозинство да формираат нова влада. Сметаме дека ова е неконзистентно со основните демократски принципи и владеењето на правото, кои се клучните вредности на НАТО. Како стратегиски партнер на Македонија и како пријател со целосна почит кон македонскиот суверенитет и единството, го повикуваме претседателот Иванов повторно да ја разгледа оваа одлука. Истовремено ги повикуваме македонските соседи да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овие моменти на чувствителност во земјата“, изјави амбасадорот Бејли.

Претходно преку Твитер, американскиот амбасадор изрази загриженост за политичката состојба во земјата. Напиша дека се согласува со ставот на комесарот Хан. Бејли денеска оствари средба со евроамбасадорот Жбогар.