Јункер понуди пет сценарија за иднината на ЕУ по Брегзит
Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер понуди 5 сценарија за иднинaта на ЕУ по британскиот Брегзит. Месецов се одбележува 60-годишнината од основањето на европскиот блок. Кон минатото, лидерите на земјите-членки гледаат со гордост, кон иднината-со надеж.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер ја претстави „Белата книга за иднината на Европа: размислувања и сценарија за ЕУ27 до 2025-та“. Пред пратениците во Европскиот парламент, Јункер потсети дека блокот се соочува со многу предизвици на домашен, но и на странски терен, па е неопходно да се создаде визија, особено откако една од најсилните членки реши да си замине од европското семејство.
„Иднината на Европа не смее да стане заложник на избори, полиитчки партии или краткорочни решенија за успех. Брегзит е болен процес, но нема да ја запре Унијата да се движи кон иднината. Треба да имаме јасна визија за тоа што можеме, а што не“, нагласи Јункер.
Првото сценарио се однесува на зајакнување на единствениот пазар и едногласие за надворешната политика. Втор предлог е да се создаде само единствен пазар, а другите прашања да се решаваат билатерално поради ограничената можност за колективно учество. Трета опција, која е поддржана од германската канцеларка Меркел е формирање на група држави заинтересирани заедно да работат на специфични политички прашања без да мора да се вклучуваат сите 27 членки. Според четвртото сценарио, Унијата би требала да работи помалку, но поефикасно на неколку приоритетни области. Последната алтернатива предлага поголема заедничка соработка кон трансформација на блокот во федерална Европска Унија.
„Нема да потенцирам кој предлог е мојот фаворит, но ќе нагласам дека Европа не може да се сведе само на регион за слободна трговија. Нема да издавам наредби. Не сум диктатор, ние претпочитаме да слушаме. И најлошите денови во 2017 година ќе ни бидат далеку подобри од оние на нашите предци на воените фронтови. Не постои патриотизам ако користат оружје против другиот“, изјави Јункер.
На 25 март, челниците на земјите-членки ќе ја одбележат 60-годишнината од потпишувањето на Договорите од Рим со кои беа поставени темелите на денешната Европска Унија. Во проширениот состав на европскиот блок живеат 500 милиони луѓе коишто ги уживаат придобивките од амбициозната визија на основачите на една од најпросперитетните економии во светот.
Маја Филдишев
