Прекинат штрајкот во Македонски железници

02.03.2017 13:30

Mашиновозачите се задоволни од постигнатиот договор и денеска линеарно ќе им бидат исплатени по 10.000 денари од вториот дел од платата за јануари. Првиот дел од платата работниците го добија вчера.

Товарниот железнички сообраќај во Македонија треба да профункционира попладне во 16 часот, а од утре и патничкиот, со што се прекинува двонеделниот протест на вработените. Ова го изјави претставникот на машинскиот персонал во Македонски железници- Транспорт, Душко Чакароски по денешната средба со в.д директорот на МЖ- Транспорт, Игор Коруноски.

Според Чакаровски, машиновозачите се задоволни од постигнатиот договор и денеска линеарно ќе им бидат исплатени по 10.000 денари од вториот дел од платата за јануари. Првиот дел од платата работниците го добија вчера. Договорено е платата за февруари да биде исплатена до крајот на март за да не бидеме доведени во ситуација на 5-ти април повторно да го блокираме железничкиот сообрачај, изјави Чакаровски.

Претходно, денеска претпладне, одлука да се вратат на работа донесоа и вработените од работилницата за одржување во МЖ- Транспорт. Како што изјави Ѓоко Илиески од иницијативниот одбор за протестот, со Коруноски договориле втората половина од платата јануари да ја добијат во текот на следната недела, а платата за февруари да се исплати целосно до крајот на овој месец.