Презентирана студијата за централизирано снабдување со санитарна топла вода на Град Скопје
Централизирано снабдување со санитарна топла вода на град Скопје може да доведе до намалување на цената на топлинската енергија за околу 25%, како и развој на паралелно производство на топлинска и на електрична енергија. Истовремено зголемената употреба на природниот гас ќе го намали загадувањето на метрополата, се вели во студијата што ја изработија Машинскиот факултет и МАЦЕФ.

Анализите на 12 видови системи за греење покажале дека во густо населени региони на градот Скопје, со голем топлински козум најдобри ефекти дава централизираниот систем на топловодно греење, односно парното. Студијата која ја подготвија експерти на Машинскиот факултет и на МАЦЕФ покажала дека на периферијата, со помала густина на население оптимален тип на греење може да бидат топлинските пумпи и инвертер клима уредите, односно индивидуалното греење со природен гас.
„Споредбената анализа покажува компаративна предност на централизираниот систем за топловодно греење, кој што е веќе раширен. Онаму каде што е помал топлинскиот конзум конкурентни се и други системи за греење со инвертер клима уреди, со топлински пумпи, а исто така и со гасни котларници за единечни објекти. Ваквиот концепт кој е разработен во студијата покажува и одредени еколошки погодности, односно за одредено време би довел до намалување на загадувањето во градот“, изјави проф. д-р Ристо Филкоски, Машински факултет-Скопје.
Експертите препорачуваат максимално да се искористат предностите што ги нуди централизираниот топловоден систем и негово проширување и во други реони во градот. Тоа треба да донесе поевтинување на топлинската енергија,намалување на потрошувачката на струја за загревање на бојлерите, и да резултира со намалување на загадувањето на метрополата.
„Идејата е зголемена потошувачка на топлинска енергија, централизирано произведена. Таа се произведува со природен гас, помало загадување во однос на другите системи и уште ја намалиме потрошувачката на електрична енергија,за што трошиме најголема количина јаглен на ниво на државата, одеднаш ќе се намали глобално загадувањето на ниво на држава“, вели проф. д-р Константин Димитров, МАЦЕФ.
Трошоците за приклучување на нови корисници кон системот ќе зависат од оддалеченоста до топловодите, староста на објектите, инсталацијата, термичката заштита. Притоа Димитров препорачува бизнис- секторот да ги искористи сите расположливи поволни извори на финансирање преку Европските фондови, како и евтините еко- кредитни линии.
Свето Николовски
