Експерти: Европа станува нестабилна
Европа се соочува со се повеќе закани и предизвици. Иднината на Европската Унија зависи од исходот на изборите во Франција. Се зголемува јазот меѓу европските држави и Соединетите Америански Држави, додека Русија го зголемува влијанието, оценуваат европски и американски експерти во Вашингтон.

По излегувањето на Британија од Европската Унија, тоа може да го направи и Франција зависно кој ќе победи на престојните претседателски избори во земјата. Се зголемува бројот на европски политичари коишто се против новата американска администрација и покрај тоа што американски воени сили се распоредени во Источна Европа како заштита од руска агресија, оценија полски и германски експерти во институтот „Брукингс“ во Вашингтон.
„Европската Унија е зафатена со домашни теми, слаба е институционално, а денеска е далеку понестабилна отколку пред неколку години. Иднината на ЕУ зависи од исходот на француските избори“, изјави Гвендолин Сасе, директор на Центар за истоевропски и меѓународни студии во Берлин основан од германското министерство за надворешни работи.
„Заканата од растечкиот антиамериканизам во Западна Европа не загрижува и нас во Полска. Ова е поврзано со непопуларноста на Доналд Трамп и неговата администрација поради внатрешните работи во Америка, но и поради притисокот врз Европа за одбраната и затегнатите трговски односи“, изјави Јустина Готковска-проект менаџер во Центар за источни студии во Варшава.
Русија го гледа проширувањето на НАТО со Црна Гора како закана и окупација на европски држави. Европа продолжува да се соочува со евротероризам, странски борци и мигранти од Блискиот Исток.
„Русија ја гледа Црна Гора во НАТО и смета дека тоа е проширување на американската империја и окупација на европски држави од страна на американски воени сили, наместо распоредување во бази во сојузнички партнерски држави“, изјави Метју Ројански, директор на институтот „Кенан“ во Вашингтон.
„Европа има уште многу работа за да може да се справи со предизвиците на тероризмот во Европската Унија. Важно е да се посочи дека ЕУ се соочува со посериозни закани од терористички групи отколку САД. Ниедна земја не е имуна на ова, но европските сојузници сега се во поголема опасност отколку Америка“, изјави Кристифор Чивис, директор на Центар за меѓународна безбедност и одбранбена политика во Вашингтон.
Во Европа се јавуваат нови предизвици, компјутерски напади и координирани дезинформации и антивладини кампањи оркестрирани од странски држави, оценуваат европските и американските експерти.
Европа и натаму ќе се соочува со економска нестабилност, особено бидејќи најголемиот трговски партнер САД со новата администрација не се заинтересирани за склучување на договорот за слободна трговија и инвестиции.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
