СПА туризам по словенечки терк

07.02.2014 16:37

По словенечки терк Македонија ќе развива СПА туризам. Ќе се користи нивното богато искуство во градењето вакви центри...

По словенечки терк Македонија ќе развива СПА туризам. Ќе се користи нивното богато искуство во градењето вакви центри, експлоатацијата на топлите минерални води и носењето странски туристи. Наскоро ќе почне реализација на заеднички проект кој треба да овозможи развој на бањскиот и на езерскиот туризам. Денесека пристигна и група  словенечки инвеститори заинтересирани за вложување во хотелиерството.
 
„Со нив ќе го посетиме охридскиот регион каде што ќе им презентираме можни  локации за изградба на хотели. Имаме соработка и сме побарале нивно искуство, кое се користи во концептот за развој на спа и веленс туризмот“, вели Христијан Делев, заменик министер за економија.
 
Најмногу пари во словенечкиот туризам инкасираат модерните бањски центри каде престојуваат туристи од Европа, но и од арапските земји.
 
„Тие организирано се промивираат во земји како Кувајт или Саудиска Арабија, каде што не станува збор само за СПА туку и за здравствен туризам, а се повеќе словенечки туристи доаѓаат во Македонија на здравствена нега и користење стоматолошки услуги“, вели Станислав Рашчан, од министерството за надворешни работи на Словенија.
 
За да  поттикне инвестиции во овој сектор Владата ќе овозможи деливост на концесиите за термоминерални води,со што ќе се стимулира вложување во спа и во велнес туризам,каде се гледа голем потенцијал за развој.
 
Свето Николовски