Руската војска се обидува да му помогне на населението во Алепо

03.03.2017 15:46

Руската војска се обидува да му помогне на населението во вториот по големина град во Сирија каде што веќе одамна никој не е безбеден од напад. Се гранатираат болници, училишта и хуманитарни конвои. Завојуваните страни не бираат средства за пресметката, па најголемата цена ја плаќаат цивилите.

Руската војска носи хуманитарна помош за населението во источниот дел на сирискиот град Алепо. Владините сили ја презедоа контролата од терористичката група Исламска држава.

„Им ги сечеа главите на луѓето кои отидоа на териториите котролирани од владата за да земат храна или пари. На жените не им дозволија да ги покажат ни очите. Садисти се. Имаа инвентивни методи за мачење“, изјави Махмуд Хамуд.

„Западните земји воведоа санкции во Сирија. Првенствено се насочени кон обичниот граѓанин, кон целиот народ, возрасните, жените и децата. Но што и да прават, нема да се откажеме од борбата“, вели Хусеин Дијаб, гувернер на Алепо.

И најновиот извештај на ОН потврди дека цивилите платиле највисока цена во вкрстениот оган меѓу завојуваните страни.  Во голем дел од нападите, обичниот граѓанин, меѓу кои и деца, бил намерно ставен на нишан.

„Разговаравме со 290 цивили. За жал, невините луѓе биле повторно најголемата жртва во борбите. Никој не е безбеден во Сирија. Цел на напад беа и хуманитарните конвои кои им помагаа на луѓето“, изјави Пауло Пињеро, претседател на Меѓународната независна комисија.

И покрај обидите за воведување на примирје во Сирија, стотици цивили гинат секојдневно во вториот по големина град во земјата. Во шестгодишниот  конфликт загинале над 250.000 луѓе, а милиони се раселени.

 

Маја Филдишев