„Џифони Македонија“- централен фестивал во регионот
„Џифони Македонија“ ќе биде централен фестивал од овој италијански бренд во регионов. Ќе се одржи кон средината на октомври, годинава со проширена програма и учесници од над 20 држави...
Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“ годинава со проширена програма. На италијанскиот бренд во филмот и културата во земјава, во октомвриското издание ќе настапат учесници од повеќе од дваесет земји, а за првпат ќе бидат вклучени и деца од шест до десет години.
„Овде постојат услови за одличен проект, ние ги исполнивме ветувањата за зајакнување на поддршката на Џифони Македонија. Ќе организираме разновидни активности, ќе разговараме за деликатни теми што ги засегаат младите. Планот е сето тоа што со години го правиме во италија да го пренесеме во Македонија“, изјави Клаудио Губитози, уметнички директор на фестивалот „Џифони“ во Италија.
Четири години по ред, млади од земјава имаа можност да учествуваат во жирито на „Џифони“ во Италија. Овој фестивал е пример за одличната соработка во културата меѓу двете земји.
„Од оваа година Македонија добива заслужено место како централен настан веднаш по фестивалот „Џифони“ во Италија. Тоа е многу значајно бидејќи овој фестивал има многу важна мисија, а тоа е едукативната и образовна мисија“, изјави Елизабета Канческа Милевска, министер за култура.
„Го прошируваме бројот на учесници, сега ќе учествуваат дваесетина земји и се фокусираме на најмладата генерација од шест до десет години. Тоа го води фестивалот на ново ниво и негово поставување како значаен центар на фестивали за млади во регионот“, изјави Дарко Башевски, директор на фестивалот „Џифони Македонија“.
Петтото јубилејно издание на фестивалот „Џифони Македонија“ ќе се одржи од 18 до 23 октомври.
Андријана Атанасовска
