Мицкоски: ЕЛЕМ нема да бара зголемување на цената на струјата
Електрани на Македонија годинава нема да бараат зголемување на цената на струјата од Регулаторната комисија за енергетика затоа што лани оствариле нето добивка од речиси 14 милиони евра. Во првите два месеца од 2017-та забележале зголемување на производството за 8,11 насто во однос на планираното, соопшти менаџментот на компанијата.

Електрани на Македонија годинава нема да бараат од Регулаторната комисија за енергетика зголемување на цената на струјата за граѓаните, затоа што лани оствариле нето добивка од речиси 14 милиони евра, а во првите два месеца од 2017-та забележале зголемување на производството за 8,11 насто во однос на планот. Менаџментот на компанијата најави дека загубите при јануарскиот увоз на скапа струја ќе бидат целосно покриени во текот на годината.
„Останувам на ставот дека нема да побараме како компанија зголемување на цената за граѓаните, однонсо нема да биде зголемена цената на електричната енергија за граѓаните како резултат на работењето на АД- Електрани на Македонија“, изјави Христијан Мицкоски, генерален директор на АД ЕЛЕМ- Скопје.
Со отворање компании во Србија и Словачка, а наскоро и во Унгарија и во Косово ЕЛЕМ ја заокружува мрежата на фирми во регионот за тргување со струја на тамошните берзи. Ќе се искористат периодите за купување евтина струја однадвор, како и продавање скапа домашна енергија со што ЕЛЕМ очекува да оствари солиден профит. Интензивно се работи на нови енергетски проекти, а во фокус е новото наоѓалиште на јаглен во реонот на Делчево и Пехчево каде што се планира изградба на нова термоцентрала.
„Откривме нови 50 милиони тони јаглен, што би било доволно за еден нов производствен капацитет од околу 150 до 200 мегавати за тој дел на Република Македонија.Ова количество ни дава надеж дека тој производствен капацитет би можел да работи најмалку 30-тина години со откриениот јаглен“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски станува збор за исклучително квалитетен јаглен со топлинска моќ која се движи од 1.800 до 2.200 килокалории. Се работи интензивно и на проектот за топлификација на градот Битола, како и на моделот што ќе овозможи успешно завршување на барање инвеститор за Чебрен и Галиште. Се очекуваат физибилити студиите кои треба да помогнат при носење евентуална одлука за градење термоцентрали на квалитетен увозен јаглен, односно на когенеративни гасни централи.
Што се однесува до случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, Мицкоски со појаснување дека согласно со тендерските услови сѐ што било сработено од фирмите е платено од ЕЛЕМ и не гледа вмешаност на внатрешни лица во овој случај.
Свето Николовски
