Ахмети: Се работи на план Б
Могерини замина, интегративците се собраа во Мала Речица на централно претседателство. Ги анализираат пораките од високата претставничка на Унијата, но и она за што било разговарано на средбата меѓу Ахмети и Заев на Бихаќка. Првиот човек на ДУИ вели по одлуката на Иванов, се работи на план Б.

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција во седиштето во Мала Речица ги разгледува пораките што ги добил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, како и за последната средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Највисокото партиско тело ги разгледува и следните чекори. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вели дека се работи на план Б откако претседателот Ѓорге Иванов не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Не открива детали што конкретно ќе преземе неговата партија во иднина. Интегративците ќе ја разгледаат и одлуката на претседателот Иванов. Ќе се дебатира како оваа криза треба да се спречи и да не се прошири во друг правец, вели Ахмети.
„Мислам дека платформата на политичките партии на Албанците е изјава која е злоупотребена. Добро е да не се шпекулира, добро е да не се плаши јавноста, бидејки платформата е изјава која произлегува од политичките партии, и тука нема ништо лошо, нема ништо што е надвор од Уставот. Треба да се разговара со сите политички партии за да се надмине состојбата. Не треба оваа изјава да претставува, некој вид на поделба на политичкиот електорат и да нема судир по ниту една основа“, изјави Ахмети.
Интегративците се уште немаат конечна одлука дали ќе учествуваат во владата со СДСМ или ќе бидат опозиција, но со поддршка за малцинска влада.
Од СДСМ велат дека ако Иванов не ја преиначи одлука, тогаш нивниот иден чекор ќе биде избор на претседател на Собранието. Како што изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев тоа решение било во плановите и на ДУИ и на другите политички партии и било дел од пакетот за кои тие разговарале со другите политички субјекти за формирање парламентарно мнозинство.
Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека решение за ситуацијата се или нови избори или Заев и СДСМ да се откажат од албанската платформа, а партијата како што стои во соопштението, ќе го поддржат да формира влада.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ со уценети само поради тоа што изгубиле на изборите, не ја добиле поддршката од граѓаните и по секоја цена Заев сака да стане премиер. Отстапките на СДСМ во однос на платформата, се опасни за иднината на државата, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Игор Панов
