Аневски: Јанева го опструира Советот на јавни обвинители
Советот на јавни обвинители се пожали од Специјалната обвинителка Катица Јанева. Претедателот Аневски рече оти ја кочела нивната работа. Советот во вторник ќе расправа за преземање на предметот „Пуч“.

Специјалната обвинителка Катица Јанева го опструира Советот на јавни обвинители, вели претседателот на Советот, Петар Аневски. Не одговарала по нивните барања. Од двете институции се уште нема потврда дали се предадени списите по предметот „Пуч“ до Советот. СЈО во јануари го повлече обвинението за „Пуч“, кој беше преземен од Основното јавно обвинителство во декември 2015-та. Истражителите од СЈО треба да појаснат пред Советот зошто се откажаа од предметот и дали било законско откажувањето од кривично гонење на пет лица опфатени во„Пуч“.
„Јавниот обвинител Катица Јанева не постапува по нашите барања, имаме поднесено ургенција, барања имаме поднесено... не одговара, всушност го опструира советот и го омаловажува“, вели Петар Аневски, претседател на Совет на јавни обвинители.
Во вторник Советот на јавни обвинители ќе расправа дали ќе ги преземе предметите „Пуч“, и „Сопот“ и за предметното постапување на Специјалната обвинителка Катица Јанева. Од Советот не ја исклучуваат можноста да биде разгледана и преставката од судијката Татијана Михајловска од скопска единица, за однесувањето на Фетаи и Јанева на подготвителното рочиштето за случајот со Општина Центар, на кое двете обвинителки заработија и парични казни по 2 илјади евра.
Наташа Гркова- Петрушевска
