Железничкиот сообраќај целосно нормализиран

03.03.2017 16:31

Железничкиот сообраќај во земјава е целосно нормализиран. По товарните, денеска тргнаа и патничките возови. Менаџментот вели дека ќе се држи до постигнатиот договорот со синдикалците за исплата на заостанатите плати. Се пресметуваат штетите од блокадата.

По две недели штрајк, вработените во Македонски железници се вратија на работа. До крајот на идната недела ќе им биде целосно исплатена јануарската плата, а до крајот на овој месец и февруарската.

По товарните, и патничките возови повторно сообраќаат. Патниците велат дека во изминативе денови едвај се снаоѓале, но блокадата удрила по нивнот џеб.

Раководството на Македонски железници вели дека сега ќе се фокусира на финансиска консолидација на компанијата. Сѐ уште се прават анализите за штетите што ги претрпе блокадата, но по контактот со нивните коминтенти, оптимисти се дека ќе ја продолжат соработката во позитивен правец. Ќе се почитува договореното со синдикалците.

„Од овој момент сите заедно почнуваме максимално да се ангажираме да ги извршуваме договорите со нашите коминтенти. Само со работа може да го надминеме ова што ни се случуваше во изминатите две недели и да не дозволиме во иднина да имаме вакви долги прекини на железничкиот сообраќај кои значат огромни  штети и за нашата компанија, општо за Македонски железници и за македонското стопанство“, изјави Игор Коруноски, в.д. директор на МЖ- Транспорт.

Од МЖ- Транспорт соопштија дека привремено нема да сообраќаат возовите Скопје- Битола кој поаѓа од главниот град во 17:10, и оној од 17:25 од Битола кон Скопје. Објаснуваат дека станува збор за техничко технолошки причини, поврзани со блокадата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска