МАНУ: Одговорноста е кај партиите

03.03.2017 16:44

Македонската академија на науките и уметностите се огласи за политичката ситуација. Во претседателството на Академијата владее загриженост. Велат оти е потребно да престанат сите обиди за поттикнување омраза, да се врати дебатата за реформските приоритети, да се разрешат прашањата кои ги тангираат меѓуетничките односи. Одговорноста е кај политичките партии- велат академиците.

Длабока загриженост поради актуелната политичка состојба во земјава, се продлабочуваат меѓуетничките тензии во периодот по изборите кои водат кон усложнување и поделба меѓу македонските граѓани. Ова е една од поентите во обраќањето на претседателството на МАНУ, кое повика на ефективно владеење на правната држава и раздвижување на евроатлантските интеграциски процеси, што според највисоката научна институција е во компетенција на политичите партии и раководствата. Во обраќањето на МАНУ се наведуваат и три неопходни услови за расплет на кризата.

„Да престанат сите обиди за поттикнување омраза, непријателство, па дури и закани за пресметки врз национална, етничка или политичка основа и тие да се осудат од политичките партии, медиумите и од другите општествени субјекти, за да почне да се гради атмосфера на конструктивен, обединувачки и плодотворен дијалог“, велат од МАНУ.

Надминувањето на кризата , според ману би се реализирало и преку институционални дебати за реформските приоритети, меѓу нив и за комплексните меѓуетнички односи. За секое понудено законско решение од оваа кревка сфера, МАНУ ќе организира расправи.

„Посебно е значајно разрешувањето на прашањата кои ги тангираат меѓуетничките односи, кои во екот на кризата дополнително се политизираат и заоструваат, да се одвива во смирена и демократска атмосфера, без условувања, низ конструктивен дијалог, толеранција, транспарентност и заемно почитување на сите политички чинители, во согласност со постојниот Устав на Република Македонија, законската регулатива и меѓународните норми и стандарди“, стои во дописот од МАНУ.

Во обраќањето на Академијата, уште еднаш се нагласува одговорноста на политичките субјекти и државните институции, се повикува и на воздржување од активности кои ја влошуваат кризата. Да се служи на народот преку неодложен отворен дијалог за стабилизација, демократски развој и забрзување на на евроатланстките интеграции на Република Македонија, се вели во обраќањето на ману за тековната политичка состојба во земјава. 

 

Зоран Богатинов