Новите странски инвестиции ја намалуваат невработеноста

07.02.2014 18:29

Шест милиони евра вреди новата инвестиција на словенечката компанијата „Таб Мак“.

Во новиот погон ќе произведуваат  семитракциони и индустриски батерии. Компанијата за годинава планира нови 50 вработувања .

-„Си поставивме цел во 2013 година да произведеме 400 илјади парчиња стартер батерии. Во иднина сакаме да произведеме еден милион стартер батерии и 250 илјади парчиња двоволтни ќелии, како и да го модернизираме информатичкиот систем, обука на вработените, континуирано подобрување на условите за работа“, вели Игор Липовиќ од ТАБ-МАК.

Добрите односи со бизнис заедницата ќе продолжат дециден е вицепремиерот Ставрески. Знак дека бизнис климата во Македонија е добра се инвестициите  и проширувањето на капацитетите. Вицепремиерот Ставрески очекува во технолошко-индустриските развојни зони нови шест илјади работни места.

-„Новите инвестиции  ќе отвараат нови работни места . Бројката  од 683 илјади вработени е досега  највисока, а бројот на невработени намален на 274,000“, изјави Зоран Ставрески вицепремиер и министер за финансии.

За градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски ова е шанса за развој на Пробиштип, новите работни места ќе значат задоволни жители .

Само пет проценти од производство Фабриката за акумулатори „Таб Мак“ го пласира на домашниот пазар, а останатото производство од 95 насто се извезува на западноевропските пазари. Во 2014 година  очекува девизен прилив од  25 милиони евра.

Дијана Ценевска