Нова регулатива за индустриски загадувачи

06.03.2017 14:48

Преку твининг- проект поддржан од австриската амбасада подготвена е нова регулатива за емисија на гасови од индустриски објекти која се очекува да влезе во сила од 2018-та година. Се предвидува целосна усогласеност со најновата ЕУ директива, иако со постојната веќе се имплементирани 60% од законските решенија.

Од в година за дел од индустриските капацитети,вклучувајќи ги енергетските, ќе важат нови, построги максимални вредности за испуштање емисии во воздухот. Текстот на новата регулатива, целосно усогласен со ЕУ директивата, е веќе подготвен и ќе биде презентиран идната недела пред бизнис заедницата.

„Во некои индустриски сектори ќе има големи промени во однос на тоа колку строги ќе бидат максимално дозволените количества, односно концентрациите на емисиите испуштени во воздухот, водата и тн. Сепак тоа зависи од самиот индустриски сектор. На пример, за секторот енергетика ќе има построги максимално дозволени количества,во однос на постојниот закон“, изјави Беса Тетеши, Министерство за животна средина и просторно планирање.

Досега ресорното министерство има издадено 120 таканаречени „А“ интегрирани еколошки дозволи, а се работи и на дваесетина постапки за „Б“ дозволи кои поради несоодветниот административен капацитет се преземени од одредени општини. Со помош на твиниг- проект поддржан од Австриската амбасада, освен што е подготвена нова регулатива, се работи и на подигање на административниот капацитет на сите нивоа за нејзино спроведување. 60% од постојната регулатива веќе е усогласена со најновата ЕУ директива, но ќе биде потребна нова категоризација на објектите, ќе се бараат нови анализи за негативните влијанија врз животната средина, а превидени се и построги вредности на емисиите од постојките.

„Директивата за контрола на индустриските емисии е веќе спроведена и вклучена во македонското законодавство. Голем дел од оваа директива се вклучува и во новата директива за индустриски емисии, така што трошоците нема да бидат многу големи“, изјави Клеменс Конрад, советник во Твиниг проект поддржан од Австриската амбасада.

Засега „Фени“ и „Макстил“ се усогласени со актуелниот закон, „Југохром“ има забрана и не работи до исполнување на барањата, а „РЕК-Битола“ со одлука на Владата доби дополнителен рок за реализирање на обврските до 2018-та.

Се најавува дека по завршување на анализите ќе биде предвиден и транзиционен период, во кој индустриските капацитети со „А“ интегрирана дозвола ќе треба да се усогласат со новите поригорозни законски одредби.

Свето Николовски