Со визуелно учење до целосно осознавање

07.02.2014 18:40

„Ние сме визуелни“ е новиот прирачник наменет за формални и неформални едукатори кој нуди методологија базирана на употребата на документарниот филм во процесот на едукација за човекови права.

Прирачникот е двојазичен (македонски и албански), и е составен од 10 ДВД-а со 12 филмови и предлог-активности за нивна употреба во образовниот процес.

Наменет за наставниците и неформалните едукатори за човекови права на младите на возраст од 12 до16 години, има за цел не само да го збогати процесот на образование за човекови права и теми од општествена важност со креативна и инклузивна употреба на аудиовизуелни материјали туку и да ја зголеми свесноста на младите за нивните права и одговорности, да ги сензибилизира за различностите и да ги поттикне на граѓанска одговорност и граѓанско дејствување.

Ова е втор ваков проект и е финансиран со поддршка на Европската комисија. Првиот насловен како „МакеДокс во училница“ е наменет за наставниците по социологија и граѓанско образование во средните училишта во РМ. Со поддршка на Националната фондација за демократија од Вашингтон и Американската амбасада во Скопје, а со одобрение на Министерството за образование, во рамките на овој проект се обучуваат и бесплатно го користат 120 наставници од средните училишта во земјава.

Моника Јовановска